Танцов спортски клуб „Бранимир и Бранкица“ е основан од братот и сестрата Бранимир и Бранкица Нешиќ, долгогодишна танцова двојка и едни од истакнатите претставници на спортскиот танц во Македонија.
Љубовта кон танцот, спортот и движењето што ја одбележува нивната сопствена натпреварувачка кариера ја претвораат во заедничка професионална мисија – да создадат клуб во кој знаењето и искуството се пренесуваат на нови генерации и во кој секој човек добива можност да се развива, да напредува и да го достигне својот потенцијал.
Со текот на годините, клубот прераснува во современ спортски и рекреативен центар, кој ги обединува танцот, фитнесот и различните форми на движење на едно место.
Бранимир и Бранкица своето професионално образование континуирано го надградуваат и денес се сертифицирани персонални и групни фитнес тренери, магистри по нутриционизам, сертифицирани инструктори за јога, Pilates и функционален тренинг, како и професионални тренери по спортски танци. Во областа на танцовиот спорт поседуваат и квалификации за национални судии со А лиценца, како и лиценца за главни судии.
Повеќе од клуб – место каде што луѓето растат
Во текот на 20 години континуирана работа, низ нашиот клуб поминале повеќе од 7.000 деца, млади и возрасни – танчари, спортисти, рекреативци и вежбачи со различни цели и потреби. За нас, зад оваа бројка стојат илјадници лични приказни, први танцови чекори, спортски успеси, надминати граници и луѓе кои преку движењето стекнале поголема сила, сигурност и самодоверба.
Нашата филозофија отсекогаш се темели на стручност, квалитет, посветеност и индивидуален пристап кон секој член. Веруваме дека професионалноста не значи само да се поседува знаење, туку да се знае како тоа знаење правилно да се пренесе – со внимание, трпение, почит и искрена грижа за човекот пред нас.
Слобода да изберете.
Токму затоа, кај нас секој може да го пронајде својот начин на движење – од спортски и рекреативен танц, Hip Hop, Latino и свадбен танц, до Pilates, Yoga и функционални тренинзи. Различни програми, различни генерации и различни цели, но една иста вредност: квалитетно и стручно водство во средина во која секој се чувствува добредојден.
По 20 години, нашата најголема гордост не е само она што сме го изградиле, туку луѓето кои растеле и напредувале заедно со нас.
20 години искуство. Повеќе од 10.000 приказни. Посветеност и вредности кои водат напред.
Простор да напредувате.
Членството во нашиот клуб нуди слобода креативност и сигурни резултати коомплетна промена и нов животен стил. Со нас секогаш имате време за тренинг и за себе, затоа што слободата на избор на тренинзи разновидноста и достапноста го овозможуваат тоа.
Мислења на нашите членови.
Мислења на нашите членови.
Мислења на нашите членови.
Ова е првото место каде што започнав со пилатес и каде што ги научив основите на правилно вежбање. Тука го изградив односот кон движењето и грижата за телото.
Иако поради животни околности сум вежбала пилатес и на други места, секогаш се враќам тука – затоа што пилатесот на Бранкица е навистина најдобар во градот, без дилема.
Флексибилниот распоред е голема предност во денешниот брз начин на живот и многу помага да не се пропуштаат тренинзи. Најважно од сè, ова е место каде што се чувствувам пријатно и опуштено – едноставно, како дома.
Ана Митревска
Тренинзи што те спремаат квалитетно за било кој outdoor спорт. Интересен кружен тренинг со толку различни вежби, што после 7 год вежбање, одам на тренинг и гледам вежби за прв пат. Посветени тренери и екстра енергија од сите вежбачи што го прават клубот отворен за било кој што сака да почне да вежба.
Андреј Гаштеовски
Вежбањето кај Брацо и Бранкица не би го заменил за ништо. Ми помага да бидам без болки и проблеми и покрај седечката работа, да одржувам одлична форма и да бидам подготвен за активности како качување по карпи и трејл ранинг. Дополнително, пријателската и поддржувачка атмосфера го прави секој тренинг вистинско уживање и одлична дружба.
Дарјан Раденковиќ
Брацо е тренер што стварно си ја знае работата 💪 Нема шаблони и нема брзање – објаснува, коригира и внимава на секој детал. Тренинзите во клубот се тешки колку што треба, ама секогаш со позитивна енергија и одлична атмосфера. Реални резултати и топ екипа. Препорака! 🔥
Томе Миладиноски
Со големо задоволство го препорачувам клубот Бранимир и Бранкица. Со Бранимир тренирам веќе 3 години и можам да кажам дека е исклучително посветен, професионален и мотивирачки тренер, препознатлив по своето „Хоп Хоп 🙂“. Тренинзите се добро осмислени, безбедни и секогаш исполнети со позитивна енергија. Атмосферата во клубот е пријатна и топла, а се чувствува поддршка и искрена грижа за секој што тренира.
Посебно би ја издвоил и Трена, која иако не ги посетувам нејзините тренинзи, е препознатлива како личност со најпозитивна енергија во клубот и секогаш придонесува за одличната атмосфера.
Бранкица е прекрасен педагог и тренер по модерен танц на мојата ќерка. Таа оди на часовите со големо задоволство и секогаш се враќа насмеана и мотивирана. Нејзиниот пристап кон децата е внимателен, трпелив и навистина инспиративен. Клуб со одлична енергија, висока професионалност и луѓе кои искрено ја сакаат својата работа.
Мартин Мицевски
Мојата приказна почна пред точно 4 години. Конечно решив дека ќе правам нешто за себе и со себе. Многуте години никаква активност и работа пред компјутер си го земаа долгот. Се решив за персонални тренинзи затоа што бев свесна дека групните тренинзи нема да можам да ги следам во никој случај. За разлика од тројца тренери претходно, кои ме одбија заради тежината, кога се видов со Брацо разговорот се сведе само на тоа кога ќе почнеме и кои термини ни одговараат. Неколку месеци персонални тренинзи а потоа групни тренинзи ама постојано присуство на тренер кој води, мотивира и инспирира. После полни 4 години, изградивме искрен меѓусебен однос, јас научив како да го сменам односот кон храната и како да го засакам вежбањето па и да се чувствувам подобро сега отколку пред 10 години, со 10 години помалку. Брацо ме научи да верувам дека можам и секогаш кога ќе се подзастанам или ќе се посомневам, ми го дава потребниот поттик. Горда сум на себе за постигнатото ама искрено, немаше да можам сама. Сега некако не можам да си го замислам денот без посета на клубот со најпозитивната атмосфера и најдобрите тренери. Фала ви!
Александра Цветковиќ Ацка
B&B се дел од мојот живот веќе 8 години. Низ различни животни периоди сум се менувала јас, но клубот секогаш бил тука – како навика, како поддршка и како сигурно место каде што се враќам на себе. Секој час има свој уникатен ефект, а мојот фокус е на зумба, total body workout и јога, кои ми овозможуваат фокус, кондиција и хармонија. Посебно би ја издвоила Бранкица, која со својата посветеност, топла енергија и мотивирачки пристап, секој тренинг го прави посебен
Стефани Трајковска
Од 2018 година дсц Бранимир и Бранкица се дел од мојот живот. Започнав со медитација и rebirth кај Слободан Трајковски. Почувствував мир прв пат во мојот живот , можам слободно да кажам дека тој е одговорен за унапредувањето на моето ниво на свесност односно за менталното здравје во целина. Во исто време тренинзите како јога пилатес аеробик тотал боди ,зумба со Бранимир Бранкица , Ана , и Трена ми помогнаа за физичкото здравје односно после долги години на хронична болка во рбетот заради сколиоза и кифоза,лош изглед ,згрбавеност… Јас се преобразив во човек без болка, со исправен грб и без вишок на 20 килограми.. Клубот и тренерите ми се најголема љубов и среќа.
Маја М Ризов
Овој клуб за мене стана многу повеќе од место за вежбање- стана место каде се гради сила, самодоверба и љубов кон тренингот. Тренерите се вистинска инспирација, нивната тимска работа, ентузијазам и љубов кон она што го работат создаваат средина во која со задоволство се доаѓа и останува. Топло го препорачувам на секој што бара квалитет, мотивација и вистинска спортска заедница.
Теодора Трпковска
Во последен период едно од поубавите доживувања ми беше посетата и зачленувањето во Дсц Бранимир Бранкица! На почетокот страв дали ќе успеам да ги направам сите вежби така како што треба, но многу брзо сето тоа премина во една толку пријатна работна атмосфера, кога телото само бара да вежба! Секоја чест за тренерите Бранкица и Бранимир , кои за цело време активно ги пратат и им помагаат на вежбачите! Со радост можам да се пофалам дека се чувствувам многу поподвижна, чувствувам извор на енергија после секое вежбање, едноставно јас сум препородена ! Тренинзите се посебна приказна , покрај вежбањето со препотување секогаш има меѓусебна комуникација и смеење со тренерите, при што тренингот завршува секогаш со радост! Да не заборавам да ги пофалам и тренерите Ана и Трена , кои исто така покажаа професионалност при изведувањето на тренинзите! И на крај многу сум среќна што конечно без болка во левата рака можам да ја извадам картичката од паркоматот, благодарение на вежбањето во мојот омилен клуб кој несебично го препорачуван на сите што имаат било каков здравствен проблем!
Роса Талевска
Wow sigurno ima i povekje od samo edno “obicno” vezbanje… vo nasive 200 god poznavanje prvo i najosnovno nesto za mene e toa deka ste mi asocijacija za ljubov, ljubov sto nesebicno ja davate i nie toa go custvuvame.Ljubov sto ne pravi “zavisni” od vasite casovi Tim od vistinski profesionalci koi si ja znaat rabotata i besprekorno ja spodeluvaat so site vezbaci. Momentite pominati vo vasiot klub se besceneti i dragoceni za mene.So vas bukvalno rastev, uzivav i sekako seuste uzivam na sekoj cas. Taa pozitivna energija i druzba se cuvstvuva vo klubot i navistina e golema pricina za mojata lojalnost kon vas. Instruktorite Nesic mi se posebno dragi sekako deka site vas ve pocituvam i smetam deka neka ste tim sto prekrasno fincionira. Vistinski motivatori za zdrav zivot, katce kade sto sekoj se pronaogja i uziva. Se nadevam deka ke postoite i narednite 200 god za nas a i nie za vas So mnogu ljubov